Институт за стандардизација на Република Северна Македонија
Тел: +389 02 3247 150, +389 02 3247 159, +389 75 444 627,+389 70 233 086
E-mail: isrsm@isrsm.gov.mk
Јуриј Гагарин 15, кат 3, 1000 Скопје
Главно мени

За нас

Во март 2003, врз основа на Законот за стандардизација ("Службен весник на Република Македонија" бр. 54/02) и Одлуката на Владата на Република Македонија бр. 23-1031/1 од 24.02.2003 година (“Службен весник на Република Македонија” бр. 14/03), е основан Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија - ИСРСМ како посебна јавна установа одделувајќи се од Заводот за стандардизација и метрологија. Со Законот за стандардизација се уредуваат целите и принципите на македонската национална стандардизација, статусот на ИСРСМ како и неговите задачи, зачленувањето и неговото финансирање, подготовката, усвојувањето и објавувањето на македонските национални стандарди и нивната примена. Со Статутот на ИСРСМ се уредува името, седиштето и организацијата на ИСРСМ, неговата дејност, застапувањето и претставувањето, органите и нивните надлежности и одговорности, правата и обврските на членовите на ИСРСМ, финансирањето и други прашања во врска со неговото работење.

Во согласност со член 73 од Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Република Северна Македонија и Европската заедница и нејзините земји (ССА, април 2004 година), Република Северна Македонија презема неопходни мерки со цел да се забрза развојот на стандардизацијата како еден од столбовите на инфраструктурата на квалитет, да се поттикне учеството во работата на европските тела за стандардизација (CEN, CENELEC, ETSI) како и да се поттикне користењето на техничките прописи на Заедницата и европските постапки за стандарди, тестирање и за оцена на сообразноста.

Во март, 2003 година беше извршен пренос на членството во ISO (Меѓународната организација за стандардизација) од Бирото за стандардизација и метрологија на ИСРСМ. Во 2005 година, ИСРСМ беше прифатен како асоцијативен член во IEC (Меѓународната електротехничка комисија), а од јули 2012 година ИСРСМ е полноправен член во CEN (Европски комитет за стандардизација) и CENELEC (Европскиот комитет за електротехничка стандардизација). ETSI (Европскиот институт за телекомуникациски стандарди) во декември 2006 година го призна ИСРСМ како НТС (национално тело за стандардизација).