Стандардите се изработуваат преку почитување на принципот на консензус од страна на техничките комитети составени од заинтересираните страни - претставници од индустријата, државните органи, академските институции и потрошувачите. Работата на овие технички комитети е организирана и координирана од страна на националното тело за стандардизација, т.е од Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија.
Основната постапка за изработка на стандардите е во согласност со Интерните правила на ИСРСМ кои се базираат на европските и меѓународни принципи. Подготовката на стандардите се состои од неколку фази:
Иницијатива за подготовка и усвојување на македонски стандард (фаза 00.00) може да биде поднесена од страна на сите заинтересирани страни, владини тела или други правни лица, од техничките тела на Институтот и други. Иницијативата треба да се достави во писмена и електронска форма на соодветен образец ОБ_Р4_027, со образложение за причините поради кои се бара изработка и усвојување на нов македонски стандард, како и моменталната актуелна состојба во поглед на постоење на важечки национални стандарди и/или меѓународни и европски стандарди, од областа на која се однесува иницијативата. Во прилог на иницијативата може да биде доставена работна верзија на стандардот (проектот).