Институт за стандардизација на Република Северна Македонија
Тел: +389 3247 150, +389 3247 159, +389 75 444 627,+389 70 233 086
E-mail: isrsm@isrsm.gov.mk
Јуриј Гагарин 15, кат 3, 1000 Скопје
Главно мени

НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА ЗА СТАНДАРДИЗАЦИЈА

Националната стратегија за стандардизација е подготвена од Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија (ИСРСМ), согласно ISO Прирачникот за изработка на национални стандрадизациски стратегии.

Стратегијата е базирана на државните, економски, неекономски и социјални приоритети како и на потребите од стандарди на сите заинтересирани страни и обврските кои произлегуваат од членството на ИСРСМ во меѓународните и европските организации за стандардизација.

Целта на оваа стратегија е воспоставување на подобра поврзаност помеѓу економските и социјалните приоритети на државата од една страна и развојот и донесувањето на македонски стандарди и стандардизациски документи од друга страна, преку оптимално планирање на потребните човечки и финансиски ресурси. Во документот посебен акцент е ставено на поголема инволвираност на сите заинтересирани страни во дефинирањето на приоритетните стандарди, следење, и анализа на потребите како и поголема вклученост во самата изработка на стандардите.

Во стратегијата се идентификувани приоритетните сектори за македонската економија и дадени се листи на меѓународни стандарди (не ги вклучува ISO стандарди кои се усвоени како европски согласно Виена Договорот) кои треба да се усвојуваат во период од три години, а воедно идентификувани се области каде има потреба од подготовка на изворни македонски стандарди.

Овој стратешки документ претставува средство за реализација на мисијата и визијата на ИСРСМ и во контекст на тоа овозможува поддршка во подобрување на квалитетот и конкурентноста на македонските производи, зголемување на извозот и брутодомашниот производ, исполнување на потребите од стандарди на сите заинтересирани страни, како и создавање на услови за подобар општествен напредок. При изработка на стратегијата земени се два аспекти:

  1. Како полноправна членка во европските организации (CEN/CENELEC), ИСРСМ има обврска да ги преземе сите европски стандарди во системот на националното тело за стандардизација и да ги повлече сите конфликтни стандарди.

  2. Доколку во одредени области на стандардизацијата за некои предмети не се објавени соодветни европски стандарди и во плановите на европските организации за стандардизација не е предвидено нивно донесување, по барање на заинтресираните страни планирано е усвојување на македонски стандарди базирани на соодветни меѓународни стандарди (ISO/IEC). Доколку во одредени области на стандардизацијата не се публикувани ниту европски ниту меѓународни стандарди и не предстои нивно донесување, се покренуваат проекти за изработка на изворни македонски стандарди, при што ќе бидат испочитувани правилата на европските организации за стандардизација, релевантните одредби од Договорот за технички бариери во трговијата (WTO-TBT), регулативата 1025/2012, како и интерните правила за стандардизација, процедурите и упатствата на институтот.