За вршење на работите и задачите од областа на стандардизацијата утврдени со законот за стандардизација, Владата на Република Македонија основа Институт за стандардизација на Република Македонија како единствено национално тело за стандардизација во Република Македонија со статус на јавна установа, компетентно за подготвување, одобрување или усвојување на стандарди од сите области опфатени од Европскиот комитет за стандардизација (CEN), Меѓународната организација за стандардизација (ISO), Европскиот комитет за електротехничка стандардизација (CENELEC), Меѓународната електротехничка комисија (IEC) и Европскиот телекомуникационен институт за стандардизација (ETSI).
Органи на Институтот се:
Собрание;
Совет;
Директор и
Одбор за контрола на материјално-финансиското работење.
Собранието на ИСРСМ го сочинуваат членовите на ИСРСМ. Орган кој управува со работата на Институтот е Советот. Советот на ИСРСМ е основан со одлука на Собранието на ИСРСМ.
Советот го сочинуваат девет члена, во следниов состав:
тројца претставници од основачот;
тројца претставници на индустријата, вклучуваќи најмалку еден претставник од секторот за мали и средни претпријатија;
еден претставник од високо стручни образовни институции;
еден претставник од вработените во Институтот и
еден претставник од стопански комори, организации на потрошувачи, консултантски и сертификациски тела, инспекциски тела и сите други заинтересирани страни.
Со Институтот раководи директор. Директорот го избира и разрешува Советот во согласност со одредбите на Законот и Статутот на Институтот.
Надлежностите на Собранието, Советот и директорот на ИСРСМ подетално се пропишани во Законот за стандардизација и Статутот на ИСРСМ.
ИСРСМ го спроведува системот за стандардизација во Република Северна Македонија преку подготовка, усвојување и промовирање на македонските стандарди и стандардизациски документи, претставување, координација и учество во работата на меѓународните и европските тела за стандардизација.
ИСРСМ дава информации за македонските, европските и меѓународните стандарди, врши продажба на стандарди и издава стандардизациски публикации.
Организациска шема на Институтот за стандардизација